Манчестер јунајтед можеби веќе ја загуби трката за премиерлигашката титула со „гласниот градски сосед“ Манчестер сити, но тоа не ги спречи да стигнат до 2:0 победа на „Етихад“ и така да стават крај на славната низа од 21 победа едноподруго на тимот на Пеп Гвардиола.
И покрај победата, разликата останува 10 поени во предност на Сити на 10 кола пред крајот на сезоната и тешко е да се очекува дека тимот на Гвардиола сега ќе влезе во криза, сепак, победата е „слатка“ за Јунајтед, кои во последните три меча одиграа три разочарувачки 0:0 ремија. Пред овој меч, Сити имаа 21 победа во низа во сите натпреварувања, од кои 15 во Премиер лигата, со вкупна гол разлика од 55:8.
Шокот за Сити дојде рано, откако уште во втората минута, Антони Марсијал беше соборен во шестнаесетникот, а Бруно Фернандеш беше сигурен од белата точка и покрај тоа што Едерсон беше многу блиску до топката. По ова, Сити „притиснаа“, но не успеаја да го пробијат голот на Дин Хендерсон, по што во 50. минута, Лук Шо успеа повторно да го совлада Едерсон за 0:2.