Top Sport

ЛЕ: Супер деби-гол на Едегард за Арсенал, голема победа во Грција

Арсенал успеа да направи предност уште во првиот натпревар од осминафиналето на Лига Европа, враќајќи се за 3:1 победа кај Олимпијакос, а Тотенхем, Рома и Гранада со убедливи победи на домашен терен помирно ќе ги чекаат реваншите.

Мартин Едегард, „позајмицата“ од Реал Мадрид, го постигна својот прв гол во дресот на „топчиите“, со сензационален удар од над 25 метри во 34. минута од мечот на „Јоргос Караискакис“, но во 58. минута од мечот, мароканскиот ветеран Јусеф Ел-Араби израмни по „колапсот“ на одбраната на тимот на Микел Артета. Сепак, во 78. минута по одличното нафрлање на Вилијан, Габриел Магаљаеш со глава успеа да донесе 2:1 водство за гостите, пред само шест минути подоцна Мохамед Елнени да го зголеми водството на 1:3.

Нивниот лондонски ривал, Тотенхем, пак, е на добар пат да стави крај на евро-сезоната од соништата на Динамо Загреб, откако ќе патува во Хрватска со 2:0 предност од првиот меч. Хери Кејн во 25. и 75. минута стрелаше за тимот на Жозе Мурињо за мирен реванш. Рома исто така ги очекува мирно гостување кај Шахтјор, откако со 3:0 го совладаа украинскиот клуб. Лоренцо Пелегрини, Стефан Ел Шарави и Џанлука Манчини донесоа убедливо водство за тимот на Пауло Фонсека, кој може да биде загрижен само поради повредата на Хенрик Мхитарјан. Шпанска Гранада, која исто така има евро-сезона каква што можеше да посакува, има 2:0 предност против норвешкото изненадување Молде по првиот меч.

ЛИГА ЕВРОПА, 1/8 ФИНАЛЕ, 1.МЕЧ

Од 21.00 ч. играа:

Рома – Шахтјор Доњецк 3:0

Гранада – Молде 2:0

Олимпијакос – Арсенал 1:3

Тотенхем – Динамо Загреб 2:0

Од 18.55 играа:

Манчестер јунајтед – Милан 1:1

Ајакс – Јанг Бојс 3:0

Динамо Киев – Вилјареал 0:2

Славија Прага – Ренџерс 1:1

Scroll to Top