Австрискиот скијач, Ханес Рајхелт повеќе пати во кариерата се враќаше по сериозни повреди на коленото и грбот, но веќе нема сила да го прави тоа и објави дека се повлекува од Светскиот куп по финалето во Ленцерхајде оваа недела.
40-годишниот Рајхелт пред шест години ја освои најголемата титула во кариерата, златото во супер-џи на СП во Бивер Крик, САД, а во кариерата победи на 13 трки од Светскиот куп, вклучувајќи го класичниот спуст во Кицбил.
„Имам чувство дека по 20 години на Светскиот куп, време е да си заминам. Се мачев на трките да стигнам до мојата граница, а секогаш сум велел – или ќе одам до максимум или нема да скијам“, изјави Рајхелт.
Последната повреда дојде при пад на спуст во декември 2019 и тој не успеа да влезе во австрискиот тим на СП во Кортина Д’Ампецо минатиот месец. Тој не се квалификуваше на финалето на Светскиот куп, но ќе скија како пред-скијач на супер-џи патеката на утрешната трка.