Top Sport

Саинс Јуниор: Се чувствувам како фудбалер на заем

Карлос Саинс Јуниор вели дека ситуацијата во која се наоѓа со својот договор со Рено е многу чудна и дека се чувствува како фудбалер.

Шпанскиот син на поранешниот рели шампион, Карлос Саинс уште е возач на Ред бул рејсинг, но минатата година тимот се согласи да му го „позајми“ на Рено за последните четири трки од сезоната и за цела 2018.

Иако не е чудно во Формула 1 големите производители да поставуваат млади возачи во помалите тимови, Саинс веќе има четири години искуство зад него, а неговиот „трансфер“ дојде како дел од договорот со кој Торо росо се откажа од моторите на Рено и настапува со Хонда, за Рено да може да склучи договор со Мекларен.

„Не сум слушнал за многу возачи кои се на заем, тоа е повеќе фудбалски термин. Ситуацијата во која сум е навистина чудна и уште не можам да се навикнам“, признава Саинс за „Аутоспорт“.

Како дел од договорот, Ред бул можат да си го вратат Саинс ако решат да го промовираат во сениорскиот тим во 2019 година. Поранешниот колега на Саинс од Торо росо, Макс Ферстапен веќе има договор за следната сезона, но иднината на Австралиецот Даниел Рикјардо е неизвесна.

„Се обидувам да импресионирам и да имам добра сезона со мојот тим. Ќе продолжам да работам и се надевам дека перформансите ќе дојдат“, вели 23-годишниот Шпанец.

Фото: ЕПА

Scroll to Top