Манчестер јунајтед се подготвени да дадат 50 милиони фунти за ѕвездата на Вулверхемптон, Педро Нето како алтернатива за Џејдон Санчо, и тоа пет години откако одбија да потпишат договор со Португалецот по тест во клубот, тврди британскиот „Сан“.
21-годишниот Нето е еден од најдобрите играчи во разочарувачката сезона за Вулверхемптон, со пет постигнати голови и според „Сан“ тој е многу ценет од менаџерот на Јунајтед, Оле Гунар Солскјер како алтернатива за Џек Грилиш и Санчо, кои би чинеле многу повеќе.
Сепак, оваа шпекулација уште еднаш ја покажува лошата проценка на луѓето во Јунајтед – Нето во 2016 година како тинејџер бил на тест во Керингтон, но не ги импресионирал доволно тренерите да го одобрат трансферот од Брага. Нуно Еспирито Санто го донесе во Премиер лигата во 2019 откако тој помина две сезони на позајмица во Лацио.