Торинскиот весник „Тутоспорт“ тврди дека Антонио Конте е подготвен да си замине од Интер по крајот на сезоната доколку не добие гаранција за нови засилувања, а можно е враќање во Премиер лигата во Тотенхем и Манчестер јунајтед.
„Нераѕурите“ се шест поени пред Милан на врвот на Серија А и тоа со натпревар помалку, како најголеми фаворити за симнување на круната на Јувентус.
Меѓутоа, тие испаднаа бргу од Лигата на шампионите уште во групната фаза, а Конте постојано зборува за недостатокот на инвестиции во клубот и мораше да најде нови позиции на фудбалерите кои не му беа пожелни, како Кристијан Ериксен и Иван Перишиќ.
Бидејќи кинеските газди „Сунинг“ имаат проблем со ликвидноста и подолго време бараат инвестициски партнер, се очекува да има ново „тивко“ лето околу засилувањата, нешто што може да го натера Конте да замине, слично како од Јувентус по освојувањето на скудетото во 2014 година.
Конте има договор од 12 милиони евра по сезона, нешто што ниту еден италијански клуб не е подготвен да го плати.