„Златна топка“ е најпрестижната индивидуална награда во светот на фудбалот. Организаторот „Франс фудбал“ денес во определени термини ќе ги објави имињата на 30 фудбалери што се номинирани за оваа награда.
Претпладнево „Франс фудбал“ ги објави имињата на петтемина фудбалери што влегоа во конкуренција за добивање на престижната награда.
Честа нивните имиња да бидат први објавени ја добија играчите на Реал, Лука Модриќ и Марсело, напаѓачот на ПСЖ, Нејмар, односно фудбалерите на Челси и Јувентус, Н’Голо Канте и Паоло Дибала.
До крајот на денот, односно во 12, 14, 17.50, 18.35 и во 19.15 часот, „Франс фудбал“ ќе ги објави и имињата на другите номинирани фудбалери.
Магазинот „Франс фудбал“ наградата „Златна топка“ ја доделува од 1956 година. Во периодот од 2010 до 2015 година наградата заеднички ја доделуваа францускиот магазин и Светската фудбалска федерација (ФИФА).
Минатата година партнерството е раскинато и сега ФИФА и „Франс фудбал“ доделуваат посебни награди за најдобриот фудбалер во светот во изминатата година.
Во изборот на „Франс фудбал“ учествуваат новинари од целиот свет, а за наградата на ФИФА гласаат капитените и селекторите на сите репрезентации кои се членки на светската куќа на фудбалот.
Фаворит за освојување на наградата за 2017 година е актуелниот победник Кристијано Роналдо, кој во случај да ја добие „Златната топка“ ќе се израмни со рекордерот Лионел Меси, кој е петкратен освојувач на наградата.