Манчестер јунајтед со гол во 83. минута успеа да стигне до тешко извојувана 2:1 победа над Брајтон и да се одвои на четири поени од Лестер на второто место во Премиер лигата во битка за пласман во топ 4 оваа сезона, откако Манчестер сити стана недостижен.
А, работите не тргнаа најдобро за тимот на Оле Гунар Солскјер – поранешниот фудбалер на „ѓаволите“, Дени Велбек уште во 13. минута ги донесе гостите во водство по уште една катастрофа на одбраната на Јунајтед. И покрај многубројните шанси, Јунајтед чекаа на гол до 63. минута, кога Маркус Рашфорд го постигна својот 10-ти гол во Премиер лигата оваа сезона за 1:1, а во отсуство на повредениот Антони Марсијал, Мејсон Гринвуд ја искористи својата шанса и во 83. минута го комплетираше пресвртот (со помош на дефанзивците на Брајтон).
Манчестер јунајтед сега има 60 поени на второто место на табелата, огромни 14 поени зад Сити, но и четири пред Лестер на третото место и девет пред Челси на четвртото. Брајтон се 16-ти со 32 поени, шест над зоната за испаѓање, на девет меча пред крајот на сезоната.