Манчестер сити сигурно ќе станат нови шампиони на Англија, само не овој викенд. Пол Погба со два гола ги инспирираше вечните ривали Манчестер јунајтед до неверојатна 3:2 победа на „Етихад“ во дерби кое имаше две целосно различни полувремиња.
По тешкиот 3:0 пораз од Ливерпул во првиот меч од четврт-финалето на Лигата на шампионите, Сити ги пречекаа своите градски ривали знаејќи дека со победа ќе стигнат до петта титула во Англија, но Пеп Гвардиола се реши за комбиниран тим.
Сепак, и тоа беше доволно во првото полувреме, откако со два гола за пет минути стигнаа до 2:0 водство против катастрофалниот Јунајтед. Винсент Компани во 25. и Илкај Гундоган во 30. минута ги искористија грешките на одбраната на тимот на Жозе Мурињо за водство. Покрај тоа, Сити имаше уште барем четири сигурни шанси, додека Јунајтед неверојатно не успеа да упати ниту еден удар кон голот на Едерсон.
Во второто полувреме на висината на задачата, конечно, се крена Пол Погба, откако во 53. и 55. минута успеа да го совлада Едерсон за шок на домашните фанови. Головите беа посебно слатки откако пред мечот Гвардиола изјави дека му го нуделе Погба за трансфер во јануари.
Уште поневеројатно во 69. минута, Крис Смолинг донесе водство за „ѓаволите“ со добро изработена акција, конечно предизвикувајќи го Гвардиола во игра да ги внесе своите адути, Кевин де Бројне, Габриел Жесус и Кун Агуеро.
Навивачите на Сити најмногу ќе ја коментираат 78. минута, кога беше направен очигледен фаул над Агуеро во шестнаесетникот, но судијата Еткинсон реши дека тоа не е доволно за пенал. До крајот на мечот, Сити имаше уште неколку шанси пред голот на Јунајтед, но на висината на задачата беше Давид де Хеа.
Фото: ЕПА