Поранешниот тренер на Милан, Реал Мадрид и на англиската репрезентација, Фабио Капело објави дека повеќе нема да биде фудбалски тренер откако беше отпуштен од кинескиот тим Џиангсу Снинг.
71-годишниот Капело ги предводеше Милан до четири титули од Серија А и до титула од Европскиот куп, пред да дојде во Реал Мадрид каде што ја освои титулата во првата сезона, пред да се раскара со управата на клубот. Тој се врати во Милан, а беше тренер и на Рома и Јувентус во Италија (освојувајќи ги титулите со двата клуба), иако неговите две титули со Јуве беа одземени поради скандалот „Калчополи“.
По ова тој повторно се врати во Реал, освојувајќи титула, пред да биде во Англија од 2008 до 2012. Тој ја предводеше Русија до СП во 2014 година и на Евро 2016, за во јуни 2017 да замине во Кина, но доби отказ во март.
Шпекулациите велеа дека тој е еден од кандидатите за испразнетото место на италијанската клупа по неуспехот да се квалификуваат за СП во Русија, но Капело вели дека планира остатокот од кариерата да ја помине како ТВ-коментатор.
„Италија? Веќе им кажав не. Веќе имав искуство со англискиот и рускиот национален тим и сакав уште еднаш да се обидам на клупско ниво, и Џиангсу беше последното искуство. Направив сè што сакав во фудбалот и сега сум пресреќен да сум само ТВ-коментатор. Во оваа улога секогаш победуваш!“, вели Капело за „Радио РАИ“.
Фото: ЕПА