Рафаел Надал се пласираше во четвртфиналето на Мастерс турнирот во Монте Карло откако попладнево со убедливи 2-0 (6-1 и 6-1) славеше во дуелот со бугарскиот тенисер, Григор Димитров.
Мечот траеше само 55 минути. На едната страна Шпанецот погодуваше буквално се, а Бугаринот постојано грешеше.
Студеното време во Франција „го замрзна“ Димитров, па снежниот ветер му беше дополнителен непријател. Рацете ги ставаше в џеб се со цел да се затопли.
Освои по еден гем во двата сета, и тоа во самите завршници на периодите, за бламажата да не биде поголема.
Надал беше апсолутно доминантен, а притоа делуваше како да игра со 30% од своите можности.
Во борбата за полуфинале Надал за противник ќе го има подобриот од мечот меѓу Рубљов и Баутиста Агут, меч кој е во тек во моментов.
Патот на Надал кон шампионскиот трофеј во Монте Карло му е отворен откако денеска елиминиран е првиот носител на турнирот, Новак Ѓоковиќ.