Андреј Рубљов успеа да го исфрли 11-кратниот шампион од Мастерсот во Монте Карло, Рафаел Надал во класика во петокот, победувајќи по битка во три сета со 6:2/4:6/6:2.
23-годишниот Рубљов фуриозно го отвори мечот, освојувајќи го првиот сет со 6:2, по што во вториот направи предност од 4:2 и изгледаше дека само треба да го комплетира најголемиот триумф во кариерата. Меѓутоа, „кралот“ на земја, Надал успеа да се врати и да ги освои следните четири гема за да израмни на 1:1. Во одлучувачкиот сет, Русинот го искористи лошиот ден на Надал за да го победи тенисерот за кој призна дека е негов тениски идол.
Русинот во полуфиналето ќе игра со Норвежанецот Каспер Руд, инаку тренинг-партнер на Надал, откако тој со 6:4/6:3 го победи шампионот од 2019 година, Италијанецот Фабио Фоњини.
Британецот Ден Еванс, пак, го продолжи настапот од соништата во Монте Карло, откако по елиминацијата на Новак Ѓоковиќ, влезе во полуфиналето со 5:7/6:3/6:4 победа над 11. носител, Белгиецот Давид Гофан.
Еванс водеше со 5:3 во првиот сет, но потоа го загуби од Гофан, кој потоа влезе во катастрофална форма и успеа да освои само 2 од своите 17 брејк топки во мечот.
Првото Мастерс полуфинале во кариерата, Еванс ќе го игра против четвртиот носител, Стефанос Циципас, кој водеше со 7:5 против Алехандро Давидович Фокина, кога Шпанецот се повреди.