Top Sport

Милан со многу среќа ја совлада Џенова – 20 минути игра за Пандев

Калчолигашот Милан дојде до многу важен триумф попладнево на својот „Сан Сиро“ во рамки на 31 коло во Серија А.

„Росонерите“ со 2-1 славеа против екипата на Џенова и првпат по 7. февруари годинава (тогаш со 4-0 славеа против Кротоне) дојдоа до цел плен на својот стадион во рамки на Серија А.

Трагичар кај гостите беше Џанлука Скамака, тој во 68 минута аматерски реагираше во својот шеснаесетник по една нафрлена топка, па од неговиот грб топката се најде во мрежата на голманот Перин, за водство на Милан од 2-1.

Претходно, во првиот дел најпрво Анте Ребиќ со прекрасен удар од 16 метри донесе домашна предност од 1-0.

Сепак, Дестро со глава во 37 минута погоди за 1-1.

Капитенот на македонската фудбалска репрезентација, Горан Пандев во игра влезе во 74 минута, но немаше некоја посериозна шанса да го загрози Џиџи Донарума.

Најголемата шанса за 2-2 Џенова ја имаше во 86 минута кога во два наврати стоперите на Милан ја вадеа топката од гол линијата по една грешка на Донарума. Мазиело и Бехрами не успеаја да ја сместат топката во мрежата.

Со овие три бода Милан останува втор на табелата, сега со 66 – 4 повеќе од третопласираниот Јувентус кој од 15 часот игра во Бергамо, против Аталанта.

Интер и понатаму е недостижен со 74 и меч помалку, оној вечерва од 20.45 нагости кај Наполи.

Scroll to Top