УЕФА, во понеделникот, презентираше како ќе изгледа Лигата на шампиони од сезоната 2024/2025. Новиот формат предвидува учество на 36 екипи, натпреварите ќе се играат според швајцарскиот систем. Голем дел од промените што ги прави УЕФА се предлози на клубовите, кои во неделата се одметнаа и ја основаа европската Суперлига.
Неуспешниот обид за отцепување, ќе ја натера УЕФА порано да ги спроведе реформите во Лигата на шампионите, тврди „Газета дело Спорт“. Она што е најважно за клубовите, новата Лига на шампиони ќе им донесе многу повеќе пари.
Форматот предвидува учество на 36 екипи, наместо досегашните 32. Сите ќе играат во една лига, со примена на швајцарскиот систем. Секој тим ќе одигра по 10 натпревари, против десет различно противници (пет дома и пет во гости). Натпреварите ќе се играат во вторник, среда и четврток.
Осумте најдобри ќе изборат директен пласман во осмина-финалето, а клубовите од 9. до 24.место ќе разигруваат за преостанатите осум места во осмина-финалето. Од Лигата ќе испаднат клубовите кои ќе се пласираат од 25. до 36.место.