Баерн Минхен веќе имаат договор со Нико Ковач како замена за Јуп Хајнкес на тренерската позиција, тврди германскиот весник „Билд“.
Хајнкес го одржа ветувањето и ќе си замине на крајот на сезоната, откако беше ангажиран како „итна“ замена за Карло Анчелоти по слабиот старт на сезоната, и Баерн веќе ја обезбеди титулата од Бундеслигата и се пласираше во полуфиналето на Лигата на шампиони.
Според „Билд“, сегашниот тренер на Ајнтрахт Франкфурт, поранешниот хрватски репрезентативец Нико Ковач веќе има договор со Баварците. Ковач оваа година изненадува со Франкфурт, бидејќи во моментов се на петтото место со шанси за пласман во Лигата на шампионите, нешто што ги импресионираше луѓето во Баерн, кои побрзаа да му дадат договор.
41-годишниот Ковач ја почна својата тренерска кариера како селектор на У-21 репрезентацијата на Хрватска, пред да ја преземе А-репрезентацијата. Тој замина во 2015 по неимпресивниот настап на СП во Бразил, по што дојде во тимот на Ајнтрахт.
Фото: ЕПА