Откако Вардар со 33:24 го совлада Мешков Брест за пласман во финалето на СЕХА лигата, гостинскиот ракометар, Љубо Вукиќ призна дека немале шанси да го издржат физичкото темпо кое го наметнаа „црвено-црните“.
„Мора да им се честита на Вардар за играта и за победата. Ние не можевме да играме на нивно физичко ниво и им дозволивме да ја направат разликата уште рано. Тешко е да ги ловиш цел меч посебно на гости. Им посакувам сѐ најдобро во финалето“, изјави Вукиќ.
И тренерот Сергеј Бебешко се согласува дека белорускиот тим немал шанси со Вардар.
„И претходно велев дека Вардар имаат многу цврст тим. Денеска беа подобри и заслужија да играат во финалето. Нивната одбрана беше навистина добра, а ние немавме добар напад“, изјави Бебешко.
Раул Гонзалес пак, џентлменски го пофали противникот.
„Брест играа добар ракомет, а бевме загрижени пред почетокот бидејќи знаевме колку се силни. Одбраната беше навистина добра, како и Штербик на голот. Почетокот на второто полувреме беше одлучувачки, кога ја направивме разликата и се надевам дека ќе покажеме ист ракомет и во финалето“, изјави Гонзалес.
И Иван Чупиќ вели дека не било лесно.
„Резултатот и играта се различни работи. Одбраната заврши одлучувачка работа и сега е сеедно со кого е ќе играме во финалето“, вели Чупиќ.