Поранешниот капитен на Манчестер јунајтед, Гери Невил ги повика сите англиски навивачи да го следат примерот на тие на „ѓаволите“, кои бараат заминување на семејството Глејзер од сопственичката структура на клубот откако поради влетувањето на „Олд Трафорд“ беше откажан дерби-мечот со Ливерпул.
„Мислам дека сите фудбалски фанови треба да се обединат зад тоа што го направија навивачите на Манчестер јунајтед, бидејќи тоа што Глејзери го направија пред две недели со Суперлигата е опасен проект за англискиот фудбал и тоа не смее да се заборави. Ова е последица на постапките на газдите на Манчестер јунајтед. И пред три недели имаше целосна недоверба и антипатија кон сопствениците, но никој не протестираше. Семејството Глејзер доби порака дека нивното време заврши“, вели Невил, кој разговараше со дел од протестантите пред „Олд Трафорд“.
Тој потоа искрено проговори за ситуацијата во која се наоѓа еден од најбогатите и најславните европски клубови.
„Ако помислите на клубот кој го добија во 2004 година, го имавме најдобриот стадион во земјата, еден од најдобрите во Европа, најдобриот тренинг-центар во земјата, тим кој постојано влегуваше во четврт-финалиња и полуфиналиња на Лигата на шампиони и освојуваше титули секоја година или секоја втора година. Сега, стадионот изгледа одлично, но ако видите зад кулисите, има само ‘рѓа, тренинг-центарот не е ниту во топ 5 во оваа земја, во полуфинале на ЛШ не сме влегле 10 години. Титула не сме освоиле 8 години. Земјиштето околу стадионот е неразвиено додека другите клубови градат. Тоа е последица на семејството Глејзер. Можеби сум наивен, но Манчестер јунајтед и Ливерпул треба да се однесуваат како дедовци на англискиот фудбал, да покажуваат страст, но сочувство, да го шират своето богатство низ семејството. А тие покажаа само алчност и се обидоа да ги земат сите пари за себе. Тоа не смее да се дозволи“, додава Невил.
Well said @GNev2 #GetOutGlazers pic.twitter.com/ArRsg60bIR
— ?Teejay? (@teejaymufc01) May 2, 2021