Сопственикот на англискиот шампион, Манчестер Сити – шеикот Мансур ќе им го плати патот на 6.000 навивачи на „граѓаните“ до Порто, каде сезонава ќе се одигра финалето во ЛШ против Челси на 29. овој месец.
Секој од клубовите на „Драгао“ ќе има по 6.000 навивачи.
Дополнителните трошоци кои вклучуваат и Ковид 19 тестови, како и високите цени на авионските билети го направија патувањето кон Португалија недостижно за многумина од фанозвите кои имаат обезбедено влезници за финалето.
„Пеп и екипата имаа извонредна сезона и нивниот пласман во финалето на ЛШ по исклучителната година претставуваат историски момент за клубот. Неверојатно важно е што повеќе навивачи да имаат можност да присуствуваат на овој меч. Пред се оние кои толку години го поддржуваат Манчестер Сити и низ добрите, но и низ лошите времиња“ рече шеикот Мансур за клупската страница.
Навивачите кон Порто ќе патуваат на денот на натпреварот со посебни авиони, а ќе се вратат во Англија веднаш по мечот. Самите ќе мораат да ги подмират трошоците за Ковид 19 тестови, а во текот на престојот во Порто ќе бидат во т.н. „балон“.
Финалето во ЛШ требаше да се игра на стадионот „Ататурк“ во Истанбул, но е преместено откако Турција е на „црвената листа“ на Британија поради пандемијата на коронавирусот.