Капитенот на Манчестер јунајтед, Мајкл Керик, кој ќе ја заврши својата играчка кариера на крајот на сезоната и ќе стане помошник на Жозе Мурињо, открива дека побарал да не го викаат во англиската репрезентација поради „депресија“.
Играчот од средниот ред во кариерата имаше 34 настапи за „гордиот албион“ со настапот против Шпанија во ноември 2015 како последен, но вели дека искуството од Светското првенство во Јужна Африка во 2010 година му оставило лош впечаток.
„Бев во тимот долго време и да бидам искрен, ми беше тешко да патувам со Англија. Не ми пречеше со Јунајтед да одам на пред-сезона три недели и да се вратам, но Англија беше навистина депресивно. Се чувствував лошо и по Јужна Африка сфатив дека не сакам да го правам тоа. Луѓето би ми кажале да се ‘соберам’ и да бидам благодарен за шансата да играм за националниот дрес, но едноставно не можев. Затоа им кажав да не ме бараат повеќе“, вели Керик.