Оскар Руџери, аргентинската фудбалска икона која им го донесе вториот светски трофеј во 1986 година, му прати порака на Лионел Меси да престане да игра за Барселона и да почне да се фокусира на Светското првенство во Русија.
Руџери, кој беше дел од славниот тим предводен од Диего Марадона, вели дека по финалето на шпанскиот куп против Севилја овој викенд, на Барселона веќе нема да им е потребен Меси бидејќи националната титула е речиси обезбедена.
„Зарем мислите дека Барселона ќе ја загуби титулата ако Меси не игра повеќе оваа сезона? Тој може да го повика претседателот на Барса и да им каже: ‘Ова е моето Светско првенство и ќе се фокусирам на тоа’“, вели Руџери во интервју за „Фокс“.
Модерниот фудбал има далеку понапорен календар од тој во 1980-тите, но Руџери вели дека Меси треба да биде пример.
„Пред СП во Мексико во 1986 година имавме 65 дена пред СП да се подготвиме. Ако Меси почне да се фокусира на подготовките со Хорхе Сампаоли, другите ќе мора да го следат. Разочарувачки е што немаме титула од 1986“, вели Руџери.
Руџери имаше 97 настапи за „Албиселесте“ од 1983 до 1994 година, освојувајќи ја титулата во 1986 и губејќи во финалето од Западна Германија во 1990 година.