Пеп Гвардиола потврди дека ќе преговара со водството на Манчестер сити на крајот на сезоната околу неговата иднина во Премиер лигата.
Гвардиола во својата втора сезона во Англија ја освои титулата, а веќе го имаше обезбедено и Лига купот по 3:0 победата над Арсенал во февруари. Следната сезона ќе биде трета и последна од договорот на 47-годишниот Каталонец, кој претходно работеше четири години во Барселона и три во Баерн Минхен, по што многумина сметаат дека тој не останува предолго во ниту еден клуб.
„Ќе зборуваме на крајот на сезоната. Имам уште една година, не сум завршил сега. Ќе видиме какви се плановите на иднината, но многу работи зависат од мојата енергија и сила да продолжам. Сега се чувствувам добро, но ќе разговарам со Феран Соријано, Чики Бергиристаин и Халдун ал Мубарак на крајот на годината да видиме што е најдобро за клубот“, објаснува Гвардиола.
Тој беше запрашан и за релативно краткиот престој во претходните два клуба.
„Не знам, фудбалот се менува многу. Сега сме шампиони и сите се среќни, но тоа чувство може веднаш да се загуби. Не знам како ќе реагирам сега откако ја освоивме Премиер лигата. Следните пет меча ќе ги играме како шампиони и тоа ќе биде добар тест“, вели Гвардиола.