Тренерот на Интер, Антонио Конте вчера по победата над Удинезе во последното коло во Серија А рече дека титулата си ја посветува себе си.
„Беше ова вистински крај на една извонредна година. Иако ова беше последен меч, а ние веќе го имавме освоено трофејот момците покажаа вистински менталитет, секоја им чест. Освоивме 91 бод, постигнавме повеќе од 90 гола, имаме најдобра одбрана, втор најдобар напад што е нешто големо и убаво“ вели Конте.
Иако има освоени титули со Јувентус и Челси, вели дека оваа со Интер е посебна.
„Дефинитивно оваа титула ја сметам за едно од најголемите достигнувања затоа што не беше лесно. Си ставив голем притисок врз себе кога дојдов во Интер, сите бевме многу добри, и јас и играчите и клубот. Скудетото си го посветувам себе си, затоа што не беше лесно во претходните две години. Навистина морав да извлечам се од себе. Имаше моменти кога се сомневав во себе, но бевме доволно силни за се да надминеме“ рече Конте.