Денвер Нагетс го израмнија резултатот во серијата со Портланд Трејлблејзерс, додека Милвоки Бакс ја искористија предноста на домашниот терен и сега водат против Мајами Хит со 2:0.
Денвер, предводени од Никола Јокиќ, славеа победа 128:109 против Портланд. Победникот беше решен во третиот пероиод кога разликата се искачи на 20 поени за Денвер.
Јокиќ, одигра уште еден одличен натпревар, постигна 38 поени, на кои придодаде осум скока и пет асистенции. Уште петмина кошаркари на Денвер постигнаа двоцифрен број на поени.
Јокиќ и тимската игра ја неутрализираа бруталната партија на Демијан Лилард од 42 поени и 10 асистенции.
Третиот натпревар се игра на 28.мај.
Милвоки Бакс, ги декласираа финалистите од минатата сезона, Мајами Хит со 132:98. Победникот беше познат по првиот период, во кој Бакс постигнаа 46, а примија само 20 поени.
Јанис Адетокумбо постигна шест тројки од седум обиди, натпреварот го заврши со 31 поен, 13 скокови и шест асистенции. Шест тројки од исто толку обиди постигна Крис Мидлтон, Џру Холидај забележа 11 поени и 15 асистенции, а Брајан Форбс постигна 22 поени.
Двејн Демонд со 19 поени и Горан Драгиќ со 17 поени се единствените чии настап кај Мајами вреди да се забележи, останатите вклучувајќи го и Џими Батлер беа далеку под своите стандарди.
Серијата сега се сели во Мајами, третиот меч се игра на 28.мај.