По пауза од 17 години, Кавадарци ќе има фудбалски прволигаш, откако Тиквеш успеа да стигне до 1:0 победа над Силекс во баражот за влез во Првата лига на „Арена Тоше Проески“ во Скопје.
Ова е слатка победа за Тиквеш и одмазда за поразот од пред две години, кога во финалето на баражот за влез во Првата лига загубија од Силекс со 3:2 во драматичен меч. Едиз Спахиу беше стрелец на единствениот гол од огромна далечина, праќајќи ги кратовци во Втора лига првпат од 2014 година, и следната година тие ќе ја играат само втората второлигашка сезона.
На вториот меч, на тренинг центарот „Петар Милошевски“ беше многу подраматично, но на крај Ренова на пенали успеа да обезбеди опстанок по 2:2 ремито по регуларните 90 минути со Охрид. Охриѓани двапати беа во водство (0:1 и 1:2), меѓутоа примија гол во финишот на натпреварот откако останаа со играч помалку, по што загубија со 3:2 во пенал-серијата.