Ракометарите на Вардар направија џиновски чекор кон пласманот на завршниот турнир во Келн, откако во „Шпаркасе арена“ го победија Кил 29:28 (14:12), во првиот четврт-финален натпревар во Лигата на шампионите.
Вардаровите херои во Германија беа Дибиров и Македа. Првио го израмни резултатот на 40 секунди до крајот (28:28), а вториот постигна гол од аут во последните секунди, со што го постави конечниот резултат.
Актуелниот европски првак и кај најтрофејниот германски тим ја демонстрираше својата моќ. Вардарци одиграа одличен меч, во кој влегоа решително и од линијата за шест метри ја растураа одбраната на домаќинот.
Тренерот на Кил, Гисласон експериментираше со одбрамбените формации, во обид да го запре Лука Циндриќ и бековската линија на Вардар.
Во тој дел Кил одигра добро, меѓутоа длабоката зона остав многу простор за пикерите на Вардар, кои секоја шанса максимално ја користеа.
Европскиот првак рано стекна предност од три гола (7:4, 8:5), по што Кил се рабуди израмни на 8:8, но првиот дел заслужено му припадна на Вардар 12:14. Големо влијание врз резултатот во првиот дел, покрај перфектните пикери (Мораеш, Стоилов) имаше и голманот Штербик кој имаше седум интервенции.
Вардар и во вториот дел беше тимот што го диктираше ритамот, а Кил благодарение на голманот Ландин успеа да израмни, а потоа и да го преземе водството.
Во периодот од 46. до 53. минута, Кил ги материјализираше одбраните на Ландин и со серијата 5:2, стигна до својата највисока предност (23:20).
Црвено-црните го одбија налетото на домаќинот, а потоа во последната минута со два гола стигнаа до вредна победа.
Штербик имаше 10 одбрани, додека со по пет гола најефикасни кај Вардар беа Чупиќ, Мораеш, Стоилов. На спротивната страна најдобар беше Ландин со 13 интервенции, а стрелците ги предводеа Екберг, Вујин и Билик со по четири гола.
Реваншот во Скопје ќе се одигра на 29.април.