Организаторите на Францускиот опен ја казнија четирикратната гренд слем шампионка Наоми Осака со 15.000 долари и предупредија дека и се заканува исфрлање од Ролан Гарос и суспензија од другите гренд слем турнири откако таа одби да зборува на прес-конференција по победата во првото коло на турнирот.
23-годишната Јапонка посочи дека нема да дава интервјуа и да оди на прес-конференции во Париз бидејќи тоа влијае на „менталното здравје“ на тенисерите. По 6:4/7:6(4) победата над Романката Патрисија Марија Тиг, Осака се обрати на публиката, но потоа не присуствуваше на прес-конференцијата.
Бордот на четирите гренд слема објави дека неуспешно се обидувале да ја разубедат Јапонката и најавија остри казни.
„Австралија опен, Ролан Гарос, Вимблдон и САД опен заеднички пишаа писмо до неа за да и пружат поддршка и да потсетат дека работиме за доброто на сите спортисти. Таа исто така беше потсетена на своите обврски, на последиците кои следуваат и дека правилата се исти за сите спортисти. Наоми Осака реши да не ги испочитува нејзините обврски и затоа доби казна од 15.000 долари“, се вели во писмото на четирите гренд слема.
Осака, која во последните 12 месеци заработи 55.2 милиони долари од спонзорските договори, минатата година ја искористи медиумската платформа која ја има за промовирање на Black Lives Matter и на расната нееднаквост.