Двата прекрасни голови на Енис Барди против Атлетик Билбао не поминаа незабележани во шпанските медиуми.
Иако „Марка“ се фокусираше на тоа дека нема кој да ги „крене“ Атлетико (игра на зборовите со Леванте – кревање), тие признаваат дека имало „две славни минути на Барди“.
„Специјалноста на Македонецот е во прекините и против Билбао тој го положи испитот. Два мајсторски голови го свртеа резултатот пред полувремето. Четири од неговите шест гола се постигнати на ваков начин“, коментира Марка.
Во „Ас“ пак велат дека двата гола на Барди „ја разјасниле ситуацијата на дното“, откако Леванте со овие важни три поени дојде на девет поени пред Депортиво Ла Коруња, кои се на 18-тото место, последното кое носи во втората лига.
„Леванте пристигна на Сан Мамеш во грч, речиси спасен во Ла лига, но со незавршена работа. Таа се заврши во рацете на Барди, апсолутно играчот на мечот. Два гола од два слободни удари. Тој ги погоди како да е кошаркар кој изведува слободни удари. Атлетик се однесуваше смирено, надевајќи се дека ќе го погоди обрачот, односно пречката или стативата. Но, сѐ беше прецизно – камера – акција“, се вели во текстот на „Ас“.
Фото: ЕПА/скриншот