Шефот на Ред бул рејсинг, Кристијан Хорнер му прати остра порака на својот ривал од Мерцедес, Тото Волф да ја „држи устата затворена“ околу контроверзите со задните крила на болидот на Ред бул.
Расправијата околу крилата стана главна тема во Формула 1 на Шпанското ГП, кога Луис Хамилтон ги коментираше флексибилните крила кај болидот на ривалот, по што ФИА реагираше со ново тестирање и со менување на правилата, но тие ќе стапат на сила по овој викенд во Азербејџан. Откако Ред бул доминираа на првите два тренинзи во Баку, Хорнер прати порака до Мерцедес да бидат тивки поради нивното флексибилно крило, овојпат на предниот дел од болидот.
„Мислам дека Мерцедес претераа со своето потенцирање на задните крила, а основата е дека нашиот болид е легален и дека тој ги мина сите тестови. ФИА ги прави тие тестови, не ние. Ако нешто изгледа полошо од нашето крило, тогаш е нивното на предниот дел. Ако тие чепкаат еден дел од болидот, мора да се погледне и другиот дел. Затоа треба да бидат внимателни со своите желби. Да бев на местото на Тото Волф, со такво предно крило, би ја држел устата затворена“, вели Хорнер.
Од друга страна, самиот Волф, вообичаено многу расположен за разговор со новинарите и по слабите резултати на тестирањето, реши да не дава коментари.