Фудбалерите на Ливерпул, вечерва (20:45 часот), ќе ја пречекаат Рома во првиот полу-финален натпревар во Лигата на шампионите. Во претходната рунда Ливерпул го елиминира Манчестер сити, а Рома приреди сензација со елиминацијата на Барселона.
Пред почетокот на сезоната никој не типуваше дека Ливерпул и Рома ќе стигнат толку далеку во Лигата на шампионите. Кога веќе се тука и едните и другите посакуваат пласман во финалето.
Доколку стигне до завршниот меч Ливерпул ќе се бори за својата шеста титула, додека Рома би се борела за својот прв трофеј во најпрестижното клупско натпреварување.
Ливерпул последен пат ја освоил Лигата на шампионите во 2005 година, а претходно бил најдобар во 1977, 1978, 1981 и 1984.
„Не морам да им кажам на навивачите што сакам, тие тоа веќе го знаат. Во ова навивачите се многу поискусни од нас. Ова е посебен момент за сите нас. Ние ќе играме во полу-финалето и мислам дека можеме да се пласираме во финалето“, рекол менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп.
Рома само еднаш играла финале во ова натреварување. Во далечната 1984 година домаќин на финалето беше Рим, а Рома стигна до мечот за титулата и загуби на пенали од Ливерпул.
„Ливерпул ќе биде подготвен, во то не се сомневам. Се работи за силен тим, особено кога игра дома. Од сите тимови што се пласираа во оваа фаза тие имаат најдобра офанзивна транзиција. Сепак, мислам дека добро психички се подготвивме и тоа ќе го покажеме на теренот“, рекол тренерот на Рома, Еузебио ди Франческо.
Двата тима ги поврзува и напаѓачот Мохамед Салах. Египетскиот репрезентативец пред почетокот на сезоната токму од Рома притстигна во Ливерпул. На „Енфилд“, под палката на Јирген Клоп Салах се промовира во еден од најдобрите напаѓачи во светот. Тој во неделата беше прогласен за играч на сезоната во Премиер лигата.
Римјаните се свесни дека тој ќе биде најголемата опасност по голот на Алисон, но потенцираат знаат како да го намалат неговото влијание во играта на Ливерпул.
Можни состави:
Ливерпул (4-3-3): Кариус – Александер-Арнолд, Ван Дајк, Ловрен, Робертсон – Окслејд-Чембрлен, Хендерсон, Милнер – Мане, Фирмино, Салах
Рома (4-3-3): Алисон – Флоренци, Фацио, Манолас, Коларов – Де Роси, Стротман, Наинголан – Пероти, Ундер, Џеко