Top Sport

Жиру го „боцна“ Бензема: Ако победиме на ЕУРО ќе прославиме со картинг-трка

Напаѓачот на Челси, Оливие Жиру реши со интересна изјава да му посака добредојде назад на Карим Бензема во француската репрезентација, откако претходно напаѓачот на Реал Мадрид го спореди Жиру со картинг, додека Бензема бил Формула 1.

Бензема се врати кај „петлите“ по пет години пауза, откако во средата го одигра пријателскиот меч против Велс, и сега ќе му биде ривал токму на Жиру во составот на Дидие Дешам на Европското првенство.

Кога во март 2020 беше запрашан да се спореди со Жиру Бензема беше брутален: „Нема да биде долга споредба. Не ги мешате Формула 1 и картинг. И тука сум добронамерен кон него. Работите функционираат за него бидејќи е таму. Нема да биде спектакуларно, но гледате дека Гризман и Мбапе се подобри“.

Жиру, сепак, е втор најдобар стрелец во историјата на Франција со 44 гола, само шест помалку од Тјери Анри, и не се лути на Бензема за „боцката“.

„Ако победиме на Евро, тогаш ќе прославиме со Карим со картинг трка“, изјави Жиру за „Ле фигаро“.

Scroll to Top