Светската џудо-федерација (ИЈФ) побара Обединетите Арапски Емирати кон израелските спортисти да се однесуваат како и кон сите други. ИЈФ реагира по информацијата дека организаторот забранил на претстојниот натпревар да биде истакнато знамето на Израел.
Наводно, „Абу Даби гренд слем“ им забранил на израелските спортисти да ги носат симболите на својата земја на униформите, но забранил да биде истакнато и израелското знаме и да биде интонирана химната на Израел.
Во писмото што ИЈФ го испратило до претседателот на Џудо-федерацијата на Обединетите Арапски Емирати, а до кое дошла агенцијата „Асошиетед прес“, меѓу другото, се наведува дека сите делегации, вклучувајќи ја и израелската, мора да бидат третирани еднакво во сите аспекти, без исклучоци“, истакнувајќи ги клучните идеали на ИЈФ дека секој поединец мора да има можност без дискриминација да се занимава со спортот.
Писмото било испратено и до Светскиот еврејски конгрес, кој преставува повеќе од 100 еврејски заедници и кој побарал ИЈФ да интервенира во овој случај, односно да ги заштити правата на израелскиот национален џудо-тим и да го зачува спортскиот дух од каква било дискриминација.
Засега од Обединетите Арапски Емирати нема никаков коментар на оваа вест. Оваа земја нема дипломатски односи со Израел. Муслиманските и арапските земји, но и спортистите од овие земји, често ги бојкотираат израелските спортисти.
Дводневниот џудо-турнир започнува оваа недела.