Ромелу Лукаку го оцени својот престој во Челси како „неуспех“ и нема желба да се врати во Лондон по шпекулациите дека Интер можат да бидат предизвикани да го продадат Белгиецот по најавите за кратење на трошоците.
Лукаку е на долгата листа на имиња на блескави напаѓачи за кои се заинтересирани Челси, вклучувајќи го Хери Кејн и Ерлинг Халанд, а покрај тоа многу шпекулираат дека тој има незавршена работа со „сините“, каде што беше пред една деценија, но не доби шанса туку беше продаден на Евертон во 2014 година. Неговиот агент, Федерико Пасторело вели дека не постои такво нешто.
„Ромелу е пресреќен во Интер. Има договор, и нема никакви проблеми ниту најави за заминување“, изјави Пасторело.
Самиот Лукаку во интервју за белгискиот „ХЛН“ беше запрашан да избере меѓу Интер и Челси и не се двоумеше.
„Интер. Интер! Имам титула со Интер, тоа беше сон од детството. Во едниот клуб имав само успех, во другиот само неуспех. Секако, секогаш ќе го избереш успехот“, изјави Лукаку.