Германскиот таблоид „Бунте“ открива дека милионите кои Михаел Шумахер ги заработи во славната Формула 1 кариера се под „контрола“ на неговиот татко, 72-годишниот Ролф Шумахер, и дека неговата сопруга Корина и децата Џина Марија и Мик мораат за било која инвестиција да го прашуваат стариот Шумахер.
Седумкратниот Ф1 шампион, Шумахер имаше страшен пад при скијање во декември 2013 година, по што беше на итна операција на мозокот и неколку месеци беше во медицински индуцирана кома, пред неговото семејство да го премести во нивниот дом во Швајцарија. Оттогаш за неговата состојба има многу малку информации, бидејќи семејството ја штити приватноста, а неодамна дури и неговиот поранешен клупски колега од Ферари, Рубенс Барикело призна дека не добил дозвола за посета.
Според „Бунте“, 72-годишниот Ролф добил полномоштво за користење на богатството на Шумахер уште во 1992 година. Неговата сопруга Корина Шумахер во 2014 побарала право да ги води работите поради неговата состојба и иако добила дозвола, за секоја поголема инвестиција треба да добие посебна дозвола од Ролф и од швајцарските власти.
Таблоидот додава дека бидејќи Ролф и Корина се во одлични односи, засега нема никакви проблеми за Корина и за нејзините деца.
Фото: ЕПА