Top Sport

„Летаат глави“ во Мекларен – отстранет техничкиот шеф Гос

Мекларен го отстранија од својата позиција техничкиот шеф Тим Гос, откако новиот болид на славниот британски тим не ги оствари очекувањата во првите три трки од сезоната.

Пред Азербејџанското ГП во четвртокот, Мекларен објавија соопштение во кое не го споменуваат Гос, но посочуваат дека има „ревизија“ на техничкото работење на тимот со цел да се „врати успехот“. Сепак, прво „Би-би-си“, а потоа и „Ројтерс“ потврдија дека Гос, кој беше одговорен за изработката на шасијата бил сменет.

Гос беше еден од тројцата главни инженери во тимот покрај шефот на аеродинамиката Питер Продрому и главниот инженер Мет Морис.

Поранешните шампиони, кои доминираа во 1980-тите и 1990-тите, немаат победа од 2012 година, и завршија на деветтото место (од 10 тима) минатата година, последната од неуспешното тригодишно партнерство со Хонда.  Во тој период се веруваше дека тимот има меѓу најдобрите шасии и дека главната пречка е моторот на јапонската компанија.

Оваа сезона, тимот се префрли на мотори на Рено, со кои Ред бул лани стигнаа до три победи во 2017 и целта беше да се предизвика тимот. Меѓутоа, Мекларен има само три поени пред фабричкиот тим на Рено и дури 27 зад Ред бул, кои победија пред две недели во Кина со Даниел Рикјардо. Уште полошо, Хонда со новиот партнер Торо Росо покажува голем прогрес – дебитантот Пјер Гасли беше четврти со мотори на Хонда во Бахреин, подобар резултат од сите во тригодишното партнерство Мекларен-Хонда.

Фото: ЕПА

Scroll to Top