Грчкиот тинејџер, Стефанос Циципас го оствари најдобриот резултат во неговата кариера откако го шокираше специјалистот за игра на земја Доминик Тим во четврт-финалето на Барселона опен, додека Рафа Надал продолжи да „гази“.
Циципас, кој е 63. на АТП листата продолжи со фантастичната недела со 6:3/6:2 победа над третиот носител од Австрија, кој се смета за еден од главните ривали на Надал за трофејот од Ролан Гарос. 19-годишниот Циципас веќе ги елиминираше носителите Алберт Рамос и Диего Шварцман во Каталонија за пласман во негово второ АТП полуфинале.
Циципас во полуфиналето ќе игра со Шпанецот Пабло Карењо Буста, кој направи уште едно изненадување, елиминирајќи го со 6:3/7:6(4) бугарскиот втор носител, Григор Димитров.
Рафа Надал влезе во полуфиналето по 6:0/7:5 победата над Словакот Мартин Клижан, откако фуриозно го освои првиот сет, пред Клижан да поведе со 0:2 во вториот. Надал за место во финале и за шанса по 11. пат да го освои турнирот ќе игра со подобриот од пресметката Давид Гофан-Роберто Баутиста Агут.
Фото: ЕПА