Федерико Киеза, кој беше прогласен за најдобар играч на мечот Италија-Велс, вели дека „аѕурите“ сонуваат за големи работи на ЕУРО 2020 откако ја завршија групата со максимални три победи во три меча.
„Емоционални сме, а денеска покажавме дека секој играч кој го избра селекторот е подготвен да игра на високо ниво и да придонесе за репрезентацијата. Кога тренерот ќе реши, јас сум тука, и вистинска чест е да се носи синиот дрес на големо натпреварување“, вели Киеза.
Тој е воодушевен што во репрезентацијата се врати ѕвездата на Пари Сен-Жермен, Марко Верати, кој ги пропушти првите два меча поради повреда. Токму Верати беше асистентот на голот на Матео Песина за победата над Велс.
„Марко е многу важен играч за нас поради тоа што постојано игра на високо ниво за клуб како ПСЖ и уште еднаш ја покажа својата класа. До каде ќе стигнеме? Не сакам да кажувам ништо, но мислам дека имаме право да сонуваме за голем успех“, додава фудбалерот на Јувентус.