Еден Азар вели дека ќе мора да го смени својот стил на игра поради повредите на скочниот зглоб, признавајќи дека не е сигурен дали ќе издржи 90 минути од утрешниот меч против Финска, последен од групната фаза.
30-годишниот Азар имаше низа повреди по преселбата од Челси во Реал Мадрид пред две години, откако имаше само 10 старта во Ла лига и Лигата на шампионите во 2020/21.
„Ќе видиме како ќе биде утре, но можеби не сум подготвен за 90 минути. Ќе играм колку што можам на највисоко ниво, ако се 50 минути, тогаш нека бидат. Никогаш не сум се сомневал во мојот квалитет, но знаев дека нема да сум 100 отсто подготвен за првенството. Го скршив зглобот трипати и никогаш нема да биде како што беше пред 10 години. Но, ако сум во добра форма, можам да го покажам тоа. Работам на тоа“, вели Азар.
Белгија има осигурано место во осминафиналето по победите во првите два меча против Данска и Русија.