Top Sport

Пандев последен пад ќе ја предводи Македонија

Фудбалската репрезентација на Македонија, вечерва, ќе го одигра последниот натпревар на Европското првенство. Натпреварот против Холандија, на стадионот што го носи името на легендарниот Јохан Кројф, ќе биде последен за Горан Пандев во националниот тим.

Натпреварот во Амстердам ќе биде 122 за Пандев во македонскиот дрес. Тој е македонски рекордер според бројот на настапи (121) и постигнати голови (38).

Игор Ангеловски, селекторот на Македонија, на прес-конференција во Амстердам му се заблагодари на капитенот, и нагласи дека неговиот последен меч треба да биде мотив плус за добар резултат на националниот тим.

Селекторот истакна дека после ЕУРО ќе разговара со челниците на ФФМ за евентуално нов договор.
„Мојот договор завршува до крајот на месецов. Сакам да искажам едно огромно благодарам до Горан Пандев и сите момци што овозможија настап на големо натпреварување. Запишавме историја за македонскиот фудбал и го постигнавме најголемиот успех, и горд сум на тоа. За иднината ќе разговараме после Европското првенство“, кажа Ангеловски.

Натпреварот Македонија-Холандија ќе започне во 18 часот. Холандија го обезбеди првото место во Ц-групата, со победите над Украина (3:2) и Австрија (2:0). Македонија, од друга страна, ќе се обиде да го освои првиот бод на европските првенства.

Во првите две рунди Македонија потклекна пред Австрија (1:3) и Украина (1:2).

Фото/ffm.mk

Scroll to Top