Арсен Венгер менаџерот на Арсенал во заминување открил дека одбил да седне на клупата на Манчестер јунјатед, кога од неа замина сер Алекс Фергусон.
Венгер, минатата недела соопшти дека по завршувањето на сезоната по 22 години ќе го напушти Арсенал, а во пресрет на дуелот со големиот ривал, потврдил дека имал понуда го наследи Фергусон во Манчестер јунајтед.
Фергусон го напушти Манчестер јунајтед во 2013 година, откако обележа една епоха и челниците на клубот тогаш сакале да го донесат човекот кој имеше импресивна кариера во Лондон.
Венгер на новинарите им потврдил дека пред пет години го одбил Јунајтед.
„Не прифатив поради тоа што Арсенал е љубовта на мојот живот“, рекол Венгер, потенцирајќи дека тоа била само една од понудите што ги добивал изминатите години.
„Одбив многу, многу клубови, само поради тоа што сакав да останам овде и да се соочам со предизвиците откако беше изграден „Емирејтс“ стадионот. Не жалам поради своите одлуки.“
Францускиот тренер открил како изгледала средбата со челниците на Манчестер јунајтед.
„Точно е дека имав состанок со претседателот на Манчестер јунајтед Мартин Едвардс, но и други луѓе доаѓаа во мојот дом, но јас решив да останам лојален кон Арсенал. Секогаш добро бев прифатен на „Олд Трафорд“, не знам како ќе биде сега. Секако дека ќе бидам фокусиран на победата“, рекол Венгер.
Големото англиско дерби се игра в недела во Манчестер од 17:30 часот.