Она што беше најавено пред неколку денови, денеска се официјализираше – од сезоната 2021/2022 веќе нема да постои правилото „гол во гости“, објави УЕФА на својата официјална страна.
Доколку се случи двете екипи да постигнат ист број голови на двомечот, тогаш веднаш ќе следуваат продолженија од двапати по 15 минути, а доколку и тогаш нема победник – ќе следуваат пенали.
Правилото „гол во гости“ стапи на сила пред 56 години, кога служеше како „спас“ од одигрување трет натпревар или потфрлање паричка за да се одлучи која екипа продолжува понатаму.
„Правилото `гол во гости` беше составен дел од УЕФА уште од 1965 година, меѓутоа прашањето за неговото укинување беше покренато на многу состаноци кои се зад нас. Не беше едногласно, но многу тренери, навивачи и фудбалери се согласија за укинување на правилото“ рече претседателот на УЕФА, Александер Чеферин.
Според него, отсега домашните екипи ќе играат послободно затоа што нема да се грижат за евентуален примен гол во првиот меч кој би донел предност за противникот.