Актуелните светски шампиони, фудбалерите на Франција, во осмина-финалето на ЕУРО 2020 доживеаја шокантна елиминација од Швајцарија. Французите испаднаа по изведувањето на пенали, и покрај тоа што во последните десет минути од регуларниот тек на натпреварот влегоа со предност од 3:1.
Елиминацијата на главниот фаворит веројатно ќе ја одреди и судбината на селекторот Дидие Дешам, кој очигледно ги испушти конците од своите раце. Француските медиуми шпекулираат дека Зинедин Зидан ќе биде новиот селектор.
„Дидие мора да размисли, и јас морам да го направам истото. Ќе седнеме некаде, ќе поминеме заедно еден ден. Мораме да разбереме кој што сака“, рекол првиот човек на Фудбалскиот сојуз на Франција, Ноел Ле Грет за „Фигаро“.
„Дешам е човекот кој ни донесе толку многу радост, ни ја донесе титулата на Светското првенство во 2018 година. Ќе почекам, ќе бидам трпелив. Сакам да знам како тој се чувствува, дали е мотивиран. Истото важи и за мене“, рекол Ле Грет.