Top Sport

Дерби Италија-Белгија, Швајцарија оди по ново изненадување

На Европското првенство во фудбал, денес на програмата се два четврт-финални натпревари. Швајцарија и Шпанија ќе играат во Санкт Петербург, а Белгија и Италија во Минхен. Утре на програмата се дуелите Данска-Чешка и Англија-Украина.

Швајцарија и Шпанија, во претходната рунда одиграа спектакуларни натпревари против Франција, односно Хрватска. Нивните натпревари во 90 минути завршија 3:3, Швајцарците по изведувањето на пенали ја елиминираа Франција, додека Шпанија во продолжението постигна два гола и со 5:3 ја мина Хрватска.

Швајцарија, прв пат по Светското првенство во 1938 година успеа да забележи победа во нокаут-рундата. Шпанците од друга страна се првата репрезентација која на европските првенства постигнала пет гола на два натпревари по ред.

Дуелот во Санкт Петербург ќе започне во 18 часот.

Натпреварот во Минхен е пресметка на репрезентации кои во фазата по групи забележаа три победи. Во осмина-финалето, Италија се мачеше со Австрија, победи 2:1, по продолженијата, додека Белгија со спектакуларниот гол на Торган Азар ја победи Португалија.

Натпреварот со Португалија, донесе многу проблеми за Роберто Мартинез. Белгискиот селектор не е сигурен дали ќе може да смета на Кевин Де Брујне и Еден Азар против Италија. Двајцата се повредија во текот на натпреварот со Португалците.

Од друга страна, Италија, ќе биде комплетна, во тимот се враќа Џорџо Кјелини, кој не играше на последните две средби.

Натпреварот во Минхен ќе започне во 21 часот.

Scroll to Top