Top Sport

Ричардсон тврди дека пушела марихуана по смртта на нејзината мајка

Американската спринтерка Ша’Кери Ричардсон се извини и ја прифати одговорноста за позитивниот тест на марихуана, за кој доби 30-дневна суспензија и нема да биде дел од Олимпијадата во Токио, но посочи дека користела „трева“ по смртта на нејзината биолошка мајка пред олимписките квалификации.

„Само порачувам да не ми судите, бидејќи јас сум само човек. Јас сум иста како вас, само што трчам побргу“, изјави Ричардсон за „Ен-Би-Си“.

21-годишната Ричардсон открива дека дознала за смртта на нејзината биолошка мајка од новинар во интервјуто пред олимписките квалификации во Јуџин, Орегон, каде што на 19 јуни истрча 10.86 на 100 метри.

„Бев на интервју и мислев дека се работи за обично интервју, но кога ќе добиете таква информација од целосен странец, се шокирате. И не се лутам, бидејќи тој ја работеше својата работа. Тоа ме постави во емоционална паника“, објаснува Ричардсон.

Марихуаната е легална во Орегон, така што таа не прекршила никој закон, но Светската анти-допинг агенција (ВАДА) доделува 30-дневна суспензија. ВАДА доделува суспензии за три вида на прекршоци – средства што ги подобруваат перформансите, средства што претставуваат опасност за здравјето на спортистите и средства кои го прекршуваат „духот на спортот“. Марихуаната нема никакво стимулативно дејство.

Scroll to Top