Хуберт Хуркач го оставри најголемиот успех во кариерата на Гренд слем турнирите. Полјакот успеа да го елиминира вториот носител Данил Медведев и да закаже дуел со Роџер Федерер во четврт-финалето.
Мечот помеѓу Хуркач и Медведев траеше два дена. Вчера, дождот ја прекина нивната пресметка, при резултат 2:1 за Медведев во сетови и предност од 4:3 во четвртиот сет за Хуркач.
Дуелот продолжи попладнево, на Централниот терен чии покрив беше затворен. Во такви услови подобро се снајде Хуркач.
Ведна направи брејк за 5:3, а потоа сервираше и лесно го доби својот сервис гем за израмнување во сетови 2:2.
Во решавачкиот петти сет Медеведев не успеа да го пронајде својот ритам, Хуркач ги користеше неговите грешки и во комбинација со својот добар сервис го заклучи со 6:3.
Покрај Хуркач и Федерер, во четврт-финалето ќе играат Ѓоковиќ-Фучовиќ, Шаповалов-Хачанов и Беретини-Оже-Алијасим.