Откако го откажа учеството на ОИ во Токио, швајцарскиот тенисер Роџер Федерер има време да се занимава со други активности.
Одржа аукција на која се продаваше негова спортска опрема, а приходите отидоа во организација која го носи името на тенисерот, а која финансира проекти за деца во Швајцарија и во Јужна Африка.
Федерер собра околу 4 милиони евра, а најскапиот продаден предмет е рекетот со кој играл на Вимблдон 2019 година – еден од рекетите со кои го играше епското финале против Ѓоковиќ. Тој е продаден за 180.000 евра.
Меѓу останатите предмети кои донесоа голема сума пари се и патиките кои Федерер ги носел во 2009-тата кога го освои Ролан Гарос.
„Постигнатите цени се неверојатни, што многу ме радува затоа што парите одат во хуманитарна организација“ рече Швајцарецот по завршувањето на аукцијата.