Шпанскиот тенисер, Пабло Карењо Буста, ја освои титулата на АТП 500 турнирот во Хамбург. Карењо Буста ја освои шестата титула во кариерата, прва на турнирите од серијата 500, претходните пет ги освои на турнирите од серијата 250.
Пабло Карењо Буста, во финалето за 83 минути, го победи Филип Крајиновиќ од Србија со 6/2, 6/4. Крајиновиќ се уште нема титула во кариерата, во Хамбург го играше четвртото финале во кариерата.
Шпанецот, против српскиот тенисер, беше подобар играч од самиот почетокот на мечот. Лесно го наметна својот ритам, направи два брејка во првиот сет и уште еден во вториот, што му беше доволно за конечен триумф.
Бодовите што ги освои на овој турнир, од понеделник ќе го искачат Карењо Буста на 11.место на АТП листата.
За триумфот во Хамбург тој е награден со 96.035 евра, Крајиновиќ за поразот во финалето доби 71.000 евра.