Маурицио Сари, човекот кој успеа од Наполи да направи тим кој конкурира за титулата во Серија А, го покани претседателот на клубот, Аурелио ди Лаурентис да го отпушти ако не е задоволен со неговата работа.
Наполи одигра само 2:2 против Торино во неделата, со што завршија малите надежи дека ќе може да се стигне Јувентус и да се освои титулата. Ди Лаурентис пак, го обвини Сари дека „премалку го ротира составот“ на крајот на сезоната, зголемувајќи ги шпекулациите дека Антонио Конте или Карло Анчелоти се можни наследници на Сари, кој би заминал во Челси.
„Ако претседателот е среќен, тогаш добро, ако не е среќен, жал ми е и секогаш може да ме отпушти. Ако ми се јави ќе разговарам мирно со него. Секогаш сум го давал маскимумот за тимот и ако треба да заминам, тогаш нема да си одам за некој коментар на претседателот. Имам договор со клаузула од 8 милиони евра, имаме 11 дена да ја разгледаме ситуацијата. Ако оваа ера е завршена, тоа треба да го реши клубот. Ако клубот не успее да задржи седум-осум играчи, тогаш ерата е завршена. Секогаш ќе бидам благодарен на шансата да бидам тренер на тимот за кој навивав од времето кога бев дете“, изјави Сари.
Ди Лаурентис не кажа јасно какви се плановите.
„Со Сари секогаш има многу работа. Тој е гениј, но може да биде подобар барем уште 300 отсто. Тој е човек полн со сомнежи, од тоа колку треба да заработува, до тоа каде треба да работи. Има сомнеж дали работата во Наполи е завршена. Му кажав да се смири бидејќи е дома, а ние не сме непријатели“, изјави Ди Лаурентис.
Фото: ЕПА
Наполи не успеа да го победи Торино, сонот за титула завршува (видео)