Во теорија Наполи се уште има шанса да ја освои титулата во Серија, но реалноста е поинаква, Јувентус вчера ја освои седмата титула во низа. Во пресрет на последните две кола, Јувентус, има шест бода повеќе и многу подобра гол-разлика од Наполи.
Наполи со Маурицио Сари не успеа да ја прекине доминацијата на Јувентус, поради што тренерот се подготвува да го напушти клубот.
„Ако размислувам за навивачите, тогаш овде би сакал да останам до крајот на животот, без оглед на заканите или желбата на претседателот во еден момент да ми врачи отказ. Тоа е многу важна работа. Меѓутоа мора да размислувате и за некои други работи. Доколку ова мора да заврши сакам од Наполи да носам убави спомени. Најдобро е да се замине додека љубовта е взаемна“, рекол Сари.
Тренерот на Наполи во својот договор има откупна клаузула од осум милиони евра, меѓутоа за неговата иднина клучен ќе биде разговорот со претседателот Де Лаурентис.
„Доколку претседателот е задоволен од мојата работа, тогаш тоа е добро. Доколку не е задоволен од мојата работа, тогаш тоа е штета. Но да не заборавиме постои излезна стратегија за двете страни. Доколку ме повика со задоволство ќе разговарам со него“, дополнил Сари.