Top Sport

Третолигашите храбро, но двојната француска круна е кај ПСЖ (галерија+видео)

Во вистинска битка на Давид и Голијат во светскиот фудбал, францускиот полу-аматерски клуб Ле Ербиер успеа да ги намачи гигантите Пари Сен-Жермен во финалето на Францускиот куп, но на крајот загубија со 2:0 со што се потврди двојната круна на парижаните.

Ле Ербиер, клуб со годишен буџет од скромни 2 милиони евра, се судри со еден од најбогатите (ако не и најбогатиот) фудбалски клуб, кој минатото лето плати рекордни 222 милиони за Нејмар, кој инаку заработува сума идентична на буџетот на Ле Ербиер за само 16 дена.  Просечната плата на играчите на Ле Ербиер е 2.500 евра.

Сепак, фудбалот е фудбал, и малиот клуб може да се пофали дека не се предаде лесно. На ПСЖ му беа потребни 26 минути да дојде во водство преку Џовани Ло Селсо, кој имаше фантастичен удар од работ на шестнаесетникот.

И покрај имињата и статусот, ПСЖ остана со оваа предност до 74. минута од мечот, кога беше досуден пенал по стартот на голманот над Единсон Кавани, и Уругваецот потоа беше сигурен од белата точка.

Ле Ербие, тим кој до крајот на сезоната може да испадне и во четвртата лига, доаѓа од место со 15 илјади жители, од кои неколку илјади беа на трибините и воодушевуваа со својата посветеност.

ПСЖ од трибините имаше поддршка и од Нејмар, кој неодамна се врати во Франција по операцијата на скршеното стапало, но уште не е подготвен за акција. На трибините на „Паркот на принцовите“, секако беше и францускиот претседател Емануел Макрон.


Фото: ЕПА

Scroll to Top