Претседателот на Барселона, Џоан Лапорта, на прес конференција, објасни зошто Лионел Меси го напушти клубот. Меси две децени го носеше дресот на Барселона. Се уште не е познато каде тој ќе ја продолжи кариерата.
Синоќа, како бомба одекна веста дека Меси повеќе нема да го носи дресот на Барселона. Иако фудбалерот и клубот постигнале договор, истиот не можел да биде реализиран поради „економски и структурни пречки“.
„Добро утро на сите, овде сум да објаснам што се случи со Лионел Меси и зошто замина“, рече Лапорта на почетокот на прес конференцијата.
„Финансиските загуби се многу поголеми од она што го очекувавме. Играчите имаат преголеми плати. Финансискиот фер-плеј, исто така не блокира. Не можам да донесам одлука која ќе не уништи. Барселона како клуб сепак е најважна. Бројките кои ги добивме по ревизијата се многу полоши од она што ни беше кажано и од она што го очекувавме. Тоа донесе огромни долгови. Нема да го заложиме клубот. Не сакам да го заложам клубот за да се извлечеме на финансиски план, па дури и поради тоа да останеме без најдобриот играч во светот. Ние сме институција. На Лео сме му благодарни за се“.
Дали нешто може да се смени?
„Нема да ви давам лажна надеж. Имавме рок до кога треба да потпише и не го испочитувавме. Сега тој ги разгледува другите опции“, заклучил Лапорта.